Стојановска: Успешно се справивме со сите предизвици на домашниот и глобалниот финансиски пазар

Интервју со Весна Стојановска, генерален директор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје

Минатата година светот ја помина во знакот на пандемијата. Генерално, како гледате Вие на 2020 година?

В. Стојановска: Зад нас е годината која беше предизвик за сите нас, за целото општество и човештво. Година која историски ќе остане запаметена како несомнено една од најголемите здравствени кризи во светот и која остави исклучително силно негативно влијание врз глобалата економија, а притоа и врз стопанството во Северна Македонија.
Верувам, сите научивме една голема лекција, дека од здравјето повредно нема и дека треба секој од нас да се потсети на важните нешта во животот, семејството, вредностите, иднината. Во време кога учиме заедно дека здравјето на сите нас е најважно, важно беше за сите нас да останеме поврзани до заедничката цел.
Сите делови од општеството беа фокусирани кон преземање на сите институционални законски мерки за превенција и заштита, а при тоа од посебна важност беше секој стопански субјект да се насочи кон моделирање на нови начини на работа, пронаоѓање на нови канали на комуникација со своите клиенти и пред сè адаптација на постојните навики.

Како се прилагодивте на новите околности?

В. Стојановска: Можам да кажам дека успешно се справивме со сите предизвици на домашниот и глобалниот финансиски пазар. Со поддршка на целиот тим успеавме да ги адаптираме сите работни процеси насочувајќи се кон користење на дигиталните канали, телефонски и видеосостаноци и електронска комуникација, ротации и креирање на заменски тимови. Успеавме ефикасно и ефективно да ги минимизираме негативните влијанија од кризата и тоа да го насочиме во наша полза, а сето тоа е успех на тимот. Посебно е важно што и во живеење на нови услови друштвото одржа проактивна комуникација со своите членови, пренасочувајќи ја комуникацијата преку електронските канали, социјалните медиуми, како и користејќи ја својата голема продажна мрежа на Комерцијална банка и на Шпаркасе банка АД Скопје.
Сметам дека 2020 година ја одбележа и солидарноста и општествената одговорност, кога многу голем број на компании и ние како друштво направивме масовен подвиг вложувајќи во здравствениот систем, докажувајќи дека на тој начин вложуваме во нашата иднина.

За КБ Прво пензиско друштво 2020 година беше јубилејна година. Со какви резултати ја заокруживте годината?

В. Стојановска: Водејќи се по препораките на здравствените власти, друштвото овој значаен јубилеј го прослави во еден поинаков амбиент, но со непроменета синергија и колегијален дух. Прославивме 15 години од постоењето, време во кое друштвото посветено и доследно ја врши својата важна улога во општеството, а тоа е пред сè да биде сигурен и стабилен дел од пензискиот систем и од заедницата. Според податоците на друштвото, изминативе 15 години, 265 351 член го довери управувањето на своите пензиски заштеди во задолжителниот, втор пензиски столб, на КБ Прво пензиско друштво и заклучно со 31.12.2020 година нето-средствата на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје изнесуваа 45 638,47 милиони денари. КБ Прв задолжителен пензиски фонд има доминантно пазарно учество од 52,3 %, што зборува и за нето-пораст на број на членови од 6 953 од минатата година.
Во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд − Скопје се зачленија 14 951 граѓанин и висината на средствата заклучно со 31.12.2020 година изнесува 1 154,52 милиони денари.
И покрај специфично тешката година, друштвото може да се пофали со пораст од 72 % проценти во уплатите од нови членови и 18 % во вкупни уплати во Доброволниот пензиски фонд, споредено со 2019 година. Друштвото и во рамките на Доброволниот пензиски фонд одржа доминантно учество од 50,4 % на пазарот.
Како пензиски фонд кој има најголем удел на пазарот, можам слободно да констатирам дека и покрај специфичните услови за работа ова беше несомнено успешна година за друштвото. Остваривме позитивен раст на уплатите во Доброволниот пензиски фонд за 15 % споредено со 2019 година и пораст на нови членови во однос на 2019 година.
Континуираниот раст на приносите во двата фонда сведочи за тоа дека овие граѓани го направија вистинскиот избор избирајќи го КБ Прво.

Дали пандемијата влијаеше врз вредноста на средствата на членовите?

В. Стојановска: Сведоци сме дека движењата на пазарите се детерминирани од стравот и неизвесноста.
Дел од портфолиото на фондовите со кои управува КБ Прво пензиско друштво се инвестирани во домашни акции и светски индексни фондови со максимална географска диверзификација. Влијанието на падот на цените на светските берзи предизвика краткорочнa нестабилност на движењето на сметководствената единица на фондовите, но важно е да напоменеме дека во минатото повеќе пати сме биле сведоци на слични падови на светските финансиски пазари, кризи кои биле од краткотраен карактер и брзо се надминувале.
Би сакала да напоменам дека инвестициите во пензиските фондови се од долгорочен карактер, а искуството покажува дека времето секогаш било на нивна страна. Како резултат на светската пандемија пазарите на капитал во 2020 година се соочија со огромна волатилност и неизвесност, но и покрај тоа фондовите остварија стабилен принос. Ова беше резултат на добрата поставеност на структурата на портфолијата на фондовите и на дисциплината во процесот на инвестирање во текот на 2020 година. Друштвото успеа да ја исполни и зацртаната определба да оствари просечен седумгодишен принос од најмалку 3 процентни поени над стапката на инфлација и за двата фонда.
Постепеното опоравување на економијата и сè поголемата извесност за пристигнување на вакцината создаде услови пазарите да почнат постепено да се стабилизираат.
Може ќе звучиме нескромно, но споредено со минатата година, и покрај кризата, успеавме да ја зголемиме вредноста на средствата на идните пензионери и сметководствената единица на 31.12.2020 година во КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд изнесуваше 227,6 денари, додека во Доброволниот пензиски фонд изнесуваше 188 денари. Остваривме исклучително стабилен принос за членовите во двата фонда. Според објавени податоци од МАПАС, во Задолжителниот пензиски фонд 7-годишниот номинален принос изнесува 5,76 %, а реалниот 5,06 %. Седумгодишниот принос за Доброволниот пензиски фонд во номинален износ изнесува 5,53 %, а реалниот 4,82 %.
Имајќи ја предвид својата фидуцијарна должност, друштвото при извршување на сите инвестициски активности и во 2020 година на прво место ги ставаше интересите на членовите и на пензионираните членови на задолжителниот и доброволниот пензиски фонд со кои управува друштвото, а тоа секако ќе биде дел и од политиката за следните години.

Што можеме да очекуваме од КБ Прво пензиско друштво Скопје во 2021 година?

В. Стојановска: Очекуваме дека 2021 година ќе биде година во која ќе се издигнеме сите ние како заедница.
Друштвото го очекуваат низа проекти од аспект на модернизација на ИТ-инфраструктурата, нова веб-страница и портал „Моја сметка“ за членовите, кои секако се во насока на подобрување на квалитетот на услугата.
Како и до сега ќе продолжиме да инвестираме во нивно унапредување на вештините и знаењето бидејќи тие се нашиот најголем и највреден капитал.
И во 2021 година нашата цел останува да продолжиме да бидеме вистинскиот избор за сите сегашни и идни членови на големото семејство на КБ Прво, создавајќи вредност и сигурност за пензиските денови.

Глобалните трендови во финансискиот сектор сè повеќе укажуваат на тенденција на зголемување на општествената одговорност на финансиските институции при носењето одлука кому да му дадат кредит или во какви бизниси да инвестираат. Каква е позицијата на КБ Прво пензиско друштво Скопје во врска со ова?

В. Стојановска: Одржувајќи кохерентна врска со нашите акционери, искористувајќи го нивното ноу-хау, како и безрезервна поддршка, во годината која следува друштвото ќе направи исчекор повеќе кон подобрување на условите во заедницата во која живееме и работиме преку помагање и унапредување на животната средина.
Заштита и подобрување на животната средина е цивилизациска обврска на човештвото, а образованието за животната средина е составен дел од културата на живеење. Во таа насока би сакала да ги најавам и идните планови на друштвото, а тоа е воведување на концептот на одговорното инвестирање во процесот на инвестирање на средствата на фондовите, ЕСГ-инвестирање (Environmental, Social and Governance), продолжен чекор во доменот на општествената одговорност. Овој пристап на одговорно инвестирање ги опфаќа грижата за околината, грижа за општеството и за начинот на управување со компаниите.

Како ја оценувате состојбата на пазарот на пензиски друштва во земјава? Дали можеби имате некаква сугестија за релевантната регулатива?

В. Стојановска: Друштвото активно ја следи состојбата на пазарот и конкуренцијата. Нашата акционерска структура, сигурноста и стабилноста, историјата зад нас, квалитетниот тим и ноу-хау придонесуваат за нашата самоувереност.
Друштвото располага со оптимално диверзифицирано портфолио кое опфаќа членови од различна возраст и е создадено за сите целни групи со максимален принос за членовите, минимални трошоци за инвестирање и минимално ниво на ризик. Наше мислење е дека е потребно проширување на рамката за инвестирање преку воведување на нови инструменти за инвестирање.

Што се случува на пазарот на кој се натпреваруваат големите пензиски друштва? Какви се очекувањата за наредниот период?

В. Стојановска: Нашиот натпревар не е со пензиските друштва. Натпреварот го гледаме единствено преку активната работа на целиот тим која треба да донесе зголемување на вредноста на средствата на членовите. Сите активности на друштвото се насочени во корист на нашите членови и повисок животен стандард во третата доба од животот.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)