СООПШТЕНИЕ

Во врска со објавената информација од страна на Министерството за труд и социјална политика за 12.000 ненавремено распределени членови, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје ја информира пошироката јавност за следното:

Согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Фондот на ПИОМ има обврска за распределба на осигуреници во задолжителен пензиски фонд од денот на нивно пристапување во пензиско и инвалидско осигурување. Фондот на ПИОМ има обврска веднаш, а најдоцна во рок од 5 работни дена од датумот на уплата на придонесот, да изврши уплата на дел од придонесот дефиниран со регулатива, на индивидуална сметка на членовите во соодветниот задолжителен пензиски фонд.

Обврска на пензиските друштва е средствата кои се префрлаат од страна на Фондот на ПИОМ на име на придонеси за пензиско осигурување, согласно добиените податоци од нивна страна да ги распределува на индивидуални сметки на членовите за потоа истите да се инвестираат. Пензиските друштва немаат податок за вработените лица кои треба да бидат распределени во задолжителните пензиски фондови. Овој податок пензиските друштва го добиваат од Фондот на ПИОМ, а начинот на распределба на осигуреници е законски дефиниран.

Согласно последните измени и дополнувања на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (Сл. весник бр. 245/2018), кога ФПИОМ ќе пренесе придонеси по истек на законскиот рок е должен при пренесувањето да уплати и надоместок за ненавремено пренесувње на придонесите. Ова се однесува на 12.000 членови, за кои освен уплата на придонес, ќе добијат и надоместок за ненавремена распределба од страна на Фондот на ПИОМ.

Со почит,

КБ Прво пензиско друштво АД Скопје

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02 3224 229