Основни поими

Реформираниот пензиски систем во Република Македонија е поставен на три столба:

Прв пензиски столб (Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување на Македонија) – функционира на принцип на генерациска солидарност – сегашните вработени плаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за да се финансираат пензиите на тековните пензионери.

Висината на вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 18% од бруто плата.

Во Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување на Македонија се уплатуваат 12% од бруто платата како придонес за пензиско и инвалидско осигурување и од овие средства се исплатќаат пензии на сегашните пензионери.

Втор пензиски столб – функционира на принцип на капитализирање на средствата што значи дека работникот однапред акумулира заштеди пред своето пензионирање, на своја индивидуална сметка во задолжителен пензиски фонд, а потоа тие заштеди ги користи за да финансира дел од својата пензија.

Висината на придонесот за вториот пензиски столб што се уплаќа на индивидуалната сметка на членовите на задолжителните пензиски фондови од вториот столб изнесува 6% од бруто плата.

Трет пензиски столб – доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, кое функционира на принцип на доброволно издвојување на средства за пензиско осигурување и нивно капитализирање што значи дека членот однапред акумулира заштеди на своја доброволна индивидуална и/или професионална сметка во доброволен пензиски фонд, а потоа тие заштеди ги користи како пензиски надоместок.

Пензиските фондови од вториот и третиот пензиски столб се управувани од друштва за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови.