Остварување на правата

Во согласност со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, членовите на задолжителните пензиски фондови имаат право на користење на средствата од индивидуалната сметка, и тоа како:

  1. Дел од старосна пензија;
  2. Инвалидска и семејна пензија, во случаи определени со Закон

Кога членот ќе исполни услови за старосна пензија има право на:

  1. Програмирани повлекувања
  2. Ануитети
  3. Комбинација од овие опции

Начинот на користење на средствата по исполнувањето на условите за старосна пензија претставува личен избор на членот.

По исклучок, до примената на Законот за исплата на пензија преку ануитети или програмирани повлекувања, кога член на задолжителен пензиски фонд ќе стекне право на старосна пензија според Законот за пензиското и инвалидското осигурување, може да го повлече целиот износ од неговата индивидуална сметка.

Кога членот ќе исполни услови за инвалидска пензија:

  1. Вкупниот износ на средствата на индивидуалната сметка на тој член се пренесува во Фондот за ПИОСМ;

Доколку акумулираните средства на член на задолжителен пензиски фонд се повеќе од износот потребен за исплата на инвалидската пензија, членот на пензискиот фонд може да избере едно од правата (купување на ануитети, програмирани повлекувања или комбинација од двете опции) што може да ги користи членот што ќе оствари право на старосна пензија.

Доколку, пак, членот или времено распределениот осигуреник стекне право на времена инвалидска пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, времената инвалидска пензија се исплатува од Фондот на ПИОСМ, а средствата на индивидуалната сметка на членот остануваат во Задолжителниот пензиски фонд сè додека членот не оствари право на старосна, инвалидска или семејна пензија.
Во случај на смрт на членот:

  1. Доколку членовите на неговото семејство остваруваат услови на семејна пензија – вкупниот износ на средствата од сметката на тој член се пренесува во Фондот за ПИОСМ;
  2. Ако акумулираните средства на член на Пензискиот фонд се повеќе од износот потребен за исплата на семејна пензија, корисникот на семејна пензија може да избере едно од правата што може да ги користи член на задолжителен пензиски фонд што ќе оствари старосна пензија (купување на ануитети, програмирани повлекувања или комбинација од двете опции).
  3. Доколку починатиот член на Пензискиот фонд нема членови на семејството кои имаат право на семејна пензија, средствата од сметката на тој член стануваат дел од оставинската маса на оставителот и со тие средства се постапува во согласност со Законот за наследување.