Кој може да стане член?

Задолжителни членови

Задолжителни членови на тростолбниот пензиски систем се сите лица кои првпат се вработуваат или прв пат биле вработени по 01.01.2003 година. Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, привремено ги распределува овие лица по случаен избор во еден од двата приватни пензиски фонда од вториот пензиски столб за временски период од 3 месеци.
Лицата кои припаѓаат на оваа категорија имаат законски рок од 3 месеци од денот на нивното пријавување во Агенцијата за вработување на РМ да склучат договор за членство во задолжителен пензиски фонд од вториот столб по свој избор.
Доколку во наведениот временски рок не склучат договор за членство, стануваат членови во задолжителниот пензиски фонд во кој МАПАС ги распределил.

 

Доброволни членови
 
Под доброволни членови на тростолбниот пензиски систем се подразбираат сите потенцијални пензиски осигуреници кои имале прво вработување пред 01.01.2003 година.
Овие лица кои во периодот од започнување на зачленувањето во задолжителни приватни пензиски фондови од вториот столб т.е. од 20.09.2005 до денес, не биле во работен однос, имаат законски рок да склучат договор за членство во задолжителен приватен пензиски фонд од втор столб во рок од 3 месеци од денот на нивното последно вработување.
Доколку осигуреник кој е прв пат вработен пред 01.01.2003 година и во периодот на зачленување на доброволните членови во задолжителните пензиски фондови (од 20.09.2005 до денес) бил во работен однос помалку од 3 месеци тогаш ова лице има право да склучи договор за членство во задолжителен пензиски фонд од вториот столб во рок од онолку денови од неговото последно вработување колку што недостигаат до исполнување на рокот од три месеци.