Исплата на пензии

Стекнување право на пензија од Прв и Втор Пензиски столб

Член на Задолжителен пензиски фонд стекнува право на старосна пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, односно со возраст од 62 години за жени и 64 години за мажи и минимум 15 години пензиски стаж.

Кога член ќе стекне право на старосна пензија, целиот износ на акумулирани средства на неговата сметка може да се искористи, со право на личен избор на членот за:

  1. Програмирани повлекувања обезбедени од Друштвото кое управува со Задолжителниот пензиски фонд со кое членот ќе склучи договор за програмирани повлекувања.
  2. Купување на пензиски ануитет кој се исплатува до крајот на животот од Друштвото за осигурување овластено за оваа цел.
  3. Комбинација на претходните две опции.

Пензискиот ануитет и комбинацијата од програмирани повлекувања и пензиски ануитет ќе започнат да се применуваат кога ќе биде издадена првата дозвола за вршење на работи на осигурување во класата на ануитети и исплата на ануитети.

Постапката за остварување право на старосна пензија започнува со поднесување на барање на членот на Пензискиот фонд  за остварување право на старосна пензија до Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (во понатамошниот текст: Фонд на ПИОСМ). По спроведената постапка Фондот на ПИОСМ доставува копија од донесеното решение со кое се признава или не се признава право на старосна пензија до Пензиското друштво кое управува со Пензискиот фонд каде што членува подносителот на барањето. Член на Пензиски фонд кој има индивидуална сметка во Пензиски фонд поднесува барање до Пензиското друштво кое во негово име започнува со котација во Центарот за котација. Во барањето членот определува кои видови на исплати на пензија треба да бидат вклучени во котацијата. Откако ќе заврши периодот за котација, се подготвува збирна табела со сите добиени понуди за членот на Пензискиот фонд. Членот има право да одбере понуда од наведените понуди во збирната табела во период од 30 дена на важност на понудите. Во зависност од тоа која понуда ќе ја одбере членот, склучува договор со Пензиското друштво чија понуда ја прифатил, со Друштвото за осигурување чија понуда ја прифатил или и со Пензиското друштво и Друштвото за осигурување чии понуди ги прифатил.

Остварување право на пензија само од Втор пензиски столб

Член на Задолжителен пензиски фонд кој не остварил право на старосна пензија во Фондот на ПИОСМ, поради неисполнување на законските услови, барањето за остварување право на пензија само од Втор пензиски столб го поднесува само до Пензиското друштво кое управува со Пензискиот фонд каде тој е член. Барањето за остварување право на пензија само од Вториот пензиски столб се поднесува по наполнување на 65 години на живот. Членот на Пензискиот фонд е потребно да приложи и изјава заверена на нотар дека се откажува од правото на пензија од Прв пензиски столб и правото на најнизок износ на пензија. Членот на Пензискиот фонд може да избере меѓу:

  1. Еднократна исплата на средствата од Вториот пензиски столб од неговата индивидуална сметка или
  2. Остварување на пензија само од средствата од Вториот пензиски столб, доколку пензијата е поголема или еднаква на 40 % од најнискиот износ на пензија на денот на остварување на правото на пензија од Втор пензиски столб.

Наследување

Во случај кога починат член на Задолжителен пензиски фонд нема членови на семејството кои имаат право на семејна пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, средствата од сметката на тој член стануваат дел на оставинската маса на оставителот и со тие средства се постапува во согласност со Законот за наследување. Дотогаш сметката на членот останува отворена и тие средства се претвораат во сметководствени единици и се инвестираат на еднаков начин како и другите средства на Задолжителниот пензиски фонд, од страна на Друштвото. По извршениот пренос на средствата, Друштвото ја затвора индивидуалната сметка на починатиот член.