Институции вклучени во реформата

Министерство за труд и социјална политика – надлежно е за креирање и водење на политиката на пензиското и инвалидско осигурување и вршење надзор во спроведувањето на законитоста на ова осигурување.

Агенција за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) – независно регулаторно тело, кои ги штити интересите на членовите на пензиските фондови, врши супервизија на друштвата и пензиските фондови и го промовира, го организира и го поттикнува развојот на капитално финансираното пензиско осигурување во Република Македонија, а за својата работа одговара пред Собранието на Република Македонија.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – врши пренесување и распределба на задолжителните придонеси и соодветните податоци за членовите во избраните задолжителни пензиски фондови.

Друштва за управување со пензиски фондови – акционерски друштва чија единствена дејност е управување со пензиски фондови, нивно претставување пред трети лица и активности кои директно произлегуваат од вршењето на работата на управување со пензиски фондови. Друштвата не може да врши други дејности предвидени во националната класификација на дејности.  Задачата на друштвата е да ги инвестираат средства на пензиските фондови со цел да ја зголемат нивната вредност.

Управа за јавни приходи – врши централизирана и интегрирана наплата на придонесите од задолжително социјално осигурување тука вклучувајќи го и придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.

Чувар на средствата на пензиските фондови – деловна банка која исполнува одредени законски услови и безбедно ги чува средствата на пензиските фондови издвоени од средствата на пензиските друштва кои управуваат со нив. Во почетните неколку години како преодно решение чувар на имот за задолжителните пензиски фондови беше Народната банка на Република Македонија. Сега и за задолжителните и за доброволните пензиски фондови фукнцијата чувар на имот ја вршат деловните банки.