Активна грижа за членовите

Во своето работење, КБ Прво пензиско друштво настојува целосно да ја оправда Вашата доверба бидејќи Вие сте причина за неговото постоење.

Нашето  Друштво секогаш е отворено за комуникација со Вас и е достапно за какви било прашања и коментари, притоа, градејќи долгорочен и квалитетен однос со секој член поединечно и верувајќи дека единствено на тој начин се постигнува успех во тоа што го работиме.
На сите Вас, кои го избравте КБ Прво пензиско друштво и оние кои во иднина ќе го изберат, Ви овозможуваме целосен увид во Вашите средства притоа, водејќи сметка за можностите на секој член на Фондот со кој управуваме за пристап кон овие информации и воедно наоѓајќи соодветно решение за секој од Вас.
Во согласност со нашата дефинирана цел – да бидеме отворени, директни и транспарентни во работењето во секое време (24 часа на ден, 365 дена во годината) – Ви ги овозможуваме следните привилегии и законски права:

Во согласност со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Друштвото е должно еднаш годишно (најдоцна до 31.3. за состојба на 31.12. претходна година) да достави извештај за состојбата на средствата на индивидуалната сметка, на домашна адреса на членовите и пензионираните членови на Задолжителниот пензиски фонд со кој управува.

Дополнително, КБ Прво пензиско друштво Ви овозможува увид во Вашите средства во секое време, на еден од следните начини:

  1. Телефонско јавување – 02/ 32 43 772 или 02/ 32 43 777 (секој работен ден 08:00 – 16:00) со што ќе добиете упатство за најбрзиот начин за увид во Вашата сметка;
  2. Интернет-проверка
  3. По писмен пат (пополнете Барање за извештај за состојба на индивидуална сметка, потпишете се своерачно и доставете го на наша адреса: Ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.6, 1000 Скопје, лично или по пошта)

Важно: Друштвото не наплатува надоместок за извршување на горенаведените услуги што им ги нуди на своите членови.

Ве известуваме дека имате и можност да ги добивате законските и други известувања по пат на електронска пошта (e-mail). Сè што треба да направите е да  пополните Формулар за известување на член по пат на електронска пошта и да го доставите (лично или по пошта) до КБ Прво пензиско друштво АД Скопје на адреса Ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.6, 1000 Скопје или во која било од експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје што се наведени на нашата интернет-страница, односно на линкот https://www.kbprvo.com.mk/web/guest/mreza .

Покрај редовното годишно известување за состојбата на индивидуална сметка, КБ Прво пензиско друштво најмалку еднаш годишно ги информира членовите и пензионираните членови на Задолжителниот пензиски фонд со кој управува и за:

–       Приносот на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје;

–       Наплатените надоместоци и трансакциски провизии;

–       Вредноста и учеството на средствата на Пензискиот фонд во одделен вид на средства;

–       Видот и издавачот на односната хартија од вредност.

Овие информации се доставуваат заедно со извештајот за состојба на средства на индивидуалната сметка (најдоцна до 31.3. за состојба на 31.12. претходна година), но и по барање на член/пензиониран член, а истите се објавуваат и на интернет-страницата на Друштвото.

Со цел точно и навремено доставување на редовните известувања за состојбата на Вашата индивидуална сметка или, пак, други законски известувања што Друштвото Ви ги доставува на Вашата контакт адреса, од особена важност е Вашите податоци да бидат целосно точни и навремено ажурирани во Регистарот на членови на Задолжителниот пензиски фонд со кој управува КБ Прво пензиско друштво АД Скопје.

Точните податоци ќе ни овозможат да имаме навремена, редовна и успешна комуникација со секој од Вас.

Ажурирање и корекција на лични податоци на член во Задолжителниот пензиски фонд се врши преку непосреден увид во документ за лична идентификација на лицето кое бара промена на податоците, од страна на овластено лице на друштвото или агент.
Дополнителни информации за процедурата за ажурирање или корекција на лични податоци, преку наш претставник, може да добиете на контакт телефоните на Друштвото.

Почнувајќи од 20.01.2018 година, согласно промените во законската регулатива, се овозможува поедноставен начин за ажурирање/корекција на лични податоци.

Ажурирање/корекција на личен податок ќе се врши со пополнување на нов образец Барање за ажурирање/корекција на податоци, при што лична идентификација на подносителот, освен со непосреден увид во лична карта преку овластено лице од друштвото или агент, Друштвото може да направи и преку телефонски контакт со членот.

Aжурирање/корекција на податок за адреса на живеење и/или адреса за коресподенција на член може да се изврши по телефонски пат, со јавување на контакт телефоните на друштвото.

Online промена на лични податоци

Со цел  online промена на лични податоци, потребен Ви е ВЕРИФИКАЦИСКИ КОД со кој Вие лично ќе ги потврдите новите податоци во Вашиот профил.

Истиот  може да го добиете на Вашата e-mail адреса или на Вашата домашна адреса (адреса за кореспонденција), претходно регистрирани во евиденција на Друштвото.

За да ја регистрирате Вашата e-mail адреса или да побарате доставување на ВЕРИФИКАЦИСКИ КОД  или други дополнителни информации, Ве молиме да ни се обратите на телефонскиот број 02/3243-777 или 02/3243-772.

По добивање на кодот, Ве молиме за следното:

  1. Најавете се на МОЈА СМЕТКА, користејќи ги корисничкото име и лозинката доделена од страна на Друштвото и доставена во прилог на годишниот извештај за пензиска заштеда.
  2. Во Вашиот профил, извршете промена на потребниот податок, користејќи големи кирилски букви за името, презимето и адресата и во полето за телефон не ги внесувајте следните симболи – и /.
  3. Кликнете Зачувај, по што порталот ќе побара внесување на ВЕРИФИКАЦИСКИ КОД.
  4. Внесете го кодот издаден од Друштвото и кликнете Поднеси.

Со цел да оствари долгорочен и квалитетен однос со членовите на Фондот со кој управува, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје воспостави постапка за прием, обработка и одговор на сите барања, забелешки, коментари или поплаки од Ваша страна. Веруваме дека, доколку постојат какви било недоразбирања, ќе ги решиме единствено на овој начин, со цел одржување на довербата на членовите.

Доколку имате забелешки за кој било дел од работењето на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Ве молиме пополнете го Формуларот за поплаки, потпишете го своерачно и истиот доставете го на адреса на Друштвото, по пошта или лично во нашите простории на следната адреса:

КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.6, 1000 Скопје.

Формуларот можете да го доставите и на факс на Друштвото или по електронски пат, на контакт e-mail на Друштвото.

КБ Прво пензиско друштво ќе ја разгледа поплаката и ќе достави одговор на секоја пристигната поплака, во најкраток можен рок.

Податоци за распределени членови

Доколку сте осигуреник кој за првпат пристапил во задолжително пензиско и инвалидско осигурување по 1 јануари 2019 година и на датумот на пристапување сте помлад од 40 години, и во законскиот рок од 3 месеци по вработувањето не сте склучиле договор за членство со ниту едно друштво за управување со пензиски фондови, во согласност со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Вие сте распределен член, во еден од задолжителните пензиски фондови од страна на Фондот на ПИОСМ.

Агенцијата го известува секој времено распределен осигуреник за Задолжителниот пензиски фонд во кој е времено распределен, како и за правата и обврските кои произлегуваат од членството.
Доколку веќе имате добиено известување дека сте распределен член на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје, а сè уште не сте ги доставиле своите лични податоци во Друштвото, Ве молиме за следното:

1. Испечатете го Формуларот за лични податоци на распределени членови и читливо пополнете го истиот со печатни букви;
2. Потпишете го Формуларот своерачно;
3. Целосно пополнетиот и своерачно потпишан Формулар доставете го во просториите на Друштвото – КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.6, 1000 Скопје (лично или по пошта).

Со самото доставување на коректно пополнетиот Формулар, Вашите податоци ќе бидат внесени во Регистарот на членови на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје, со цел да добивате редовни известувања за состојбата на Вашата индивидуална сметка и други известувања кои во согласност со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Друштвото ги доставува на своите членови.
Ви благодариме за искажаната доверба и се надеваме на долга и плодна соработка.