Вашата сигурност

Сигурноста на средствата на членовите на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје управуван од КБ Прво пензиско друштво, како дел од реформираниот пензиски систем е гарантирана од повеќе аспекти:

1.Стручноста, искуството, големината и реномето на основачите на КБ Прво пензиско друштво кое управува со Вашите средства, Ви даваат дополнителна гаранција и сигурност за негово успешно работење при управувањето со фондовите.

Комерцијална банка АД Скопје со своето долгогодишно успешно работење и водечка позиција во банкарскиот систем во Република Македонија повеќекратно потврдувана со меѓународни награди од финансиски институции и списанија.

Прва покојнинска дружба д.д. Љубљана, на 6.11.2007 година реорганизирана во Skupina Prva zavarovalniski holding d.d. Ljubljana** , има  повеќегодишно директно искуство во пензиското осигурување и  го шири своето работење во задолжителното и доброволното пензиско осигурување во земјите од Југоисточна Европa.

2.Професионално управување со Вашите средства, за нивна сигурност и остварување на принос. Со Вашите средства управува високопрофесионален, стручен и искусен тим, вложувајќи ги Вашите средства во сигурни финансиски инструменти во согласност со законските прописи, што овозможува сигурност и принос на вложените средства.

3.Инвестирање на Вашите средства во согласност со строги законски прописи со цел остварување на највисок принос единствено во полза на членовите и пензионираните членови и преку диверзификација и финансиска анализа да се минимизира ризикот од загуби. Средствата на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје се инвестираат под постојан надзор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, а Банката чувар на имот безбедно ги чува одвоено од средствата на Друштвото.

4.Средствата на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје, во согласност со закон, не може да се користат во постапка на порамнување или стечај на Друштвото, да се даваат во залог, асигнација или да се пренесуваат во полза на трети лица, освен во случаи што се стриктно наведени со Законот.

5.Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС е основана поради вршење супервизија на работењето на друштвата за управување со пензиските фондови и на пензиските фондови со крајна цел да ги заштити интересите на нивните членови. Исто така, МАПАС врши супервизија на работењето на чуварите на имот и на странските менаџери и ги надгледува нивните финансиски извештаи во согласност со важечките закони и регулативи. Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување има својство на правно лице и за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија.