ПОИМ
ОБЈАСНУВАЊЕ
Агент
Лице кое врши работи на маркетинг на пензиски фондови и склучување на договори за членство
Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување
Државна Агенција која е супервизор на работењето на друштвата, пензиските фондови и регулатор на капитално финансираното пензиско осигурување.
Акција
Сопственичка хартија од вредност која претставува неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитното друштво со акции. Акциите може да бидат обични и приоритетни.
Брокер - берзански посредник
Посредник кој извршува налози за купување или продавање на хартиите од вредност во корист на клиентите или во свое име
Брокерска провизија
Провизија која брокерската куќа ја наплаќа од своите клиенти за извршена трансакција на купопородажба
Втор столб

Задолжително капитално финансирана компонента од системот со 3 столба кој функционира на принцип на капитализирање на средствата што значи дека работникот однапред акумулира заштеди пред своето пензионирање, на своја лична – индивидуална сметка во пензиски фонд од вториот пензиски столб, а потоа тие заштеди ги користи за да финансира дел од својата пензија. Вложените средства во фондот се инвестираат според строго утврдени законски регулативи со цел да се заштитат средствата на членовите
Гаранција
Гаранција од државата (Буџетот на РМ) во висина од 80% од загубата на средствата на задолжителните пензиски фондови настаната како резултат на измама, кражба и проневера.
Диверсификација
Техника на управување со средства, со која се обезбедува разновидност на финансиски инструменти во портфолиото со цел да се распредели ризикот
Доброволен член
Сите пензиски осигуреници кои биле вработени пред 01.01.2003 и склучиле договор за членство во задолжителен капитално финансиран пензиски фонд од вториот столб
 
Доброволна индивидуална сметка
Лична сметка на лице кое се стекнало со статус на член со потпишување на индивидуален договор за членство во избраниот доброволен пензиски фонд од третиот столб на која се собираат и капитализираат лични средства (уплатениот дел од доброволниот пензиски придонес намален за надоместоцитеи зголемен за остварениот принос по инвестирање
 
Долгорочна хартија од вредност
Хартија од вредност чиј рок на доспевање е една календарска година или подолго од денот на нејзиното издавање
Доспевање
Остатокот од рокот во кој треба да се исплати (реализира) одреден должнички финансиски инструменти
Државен запис
Краткорочна должничка хартија од вредност издадена од Р. Македонија
Државни хартии од вредност
Државните хартии од вредност (ДХВ) се безризични хартии од вредност кои во име на Владата на РМ ги издава Министерството за финансии на РМ.
Емитент
Правен субјект кој развива, регистрира и продава финансиски инструменти за финансирање на своите проекти
Задолжителен член
Сите лица - осигуреници кои првпат се вработени по 01.01.2003 и мора да членуваат во еден задолжителен капитално финансиран пензиски фонд од вториот столб
Закон за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување
Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување го регулира задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување и субјектите вклучени во него
Заменска стапка
Однос на пензијата на осигуреникот со неговите остварени плати
Инвеститор
Физичко или правно лице сопственик на капитал кој на пазарот на капитал вложува во финансиски инструменти
Инвестиционо друштво
Друштво за управување со фондови, чиј единствен предмет на работење е основање и управување со фондови во свое име и за сметка на сопствениците на документите за удели на отворените фондови и во име и за сметка на акционерите на затворените фондови
Инвестиционо портфолио
Група на финансиски инструменти поседувани од еден инвеститор
Индивидуална сметка
Лична сметка на членот која се отвара по зачленувањето во избраниот задолжителен пензиски фонд од вториот столб на која се собираат и капитализираат лични средства (уплатениот дел од придонесот намален за надоместоцитеи зголемен за остварениот принос по инвестирање
Институционални инвеститори
Финансиски посредници кои инвестираат средства на други инвеститори или сопствени средства заради остварување профит
Начин на исплата на пензии од втор столб
1. Програмирани повлекувања;
2. Ануитет;
3. Комбинација;
4. Еднократна исплата само во случаи предвидени со Законот
Начин на исплата на пензии од трет столб
1. Програмирани повлекувања;
2. Еднократни или повеќекратни исплати;
3. Ануитети;
4. Комбинација.
Исплата на пензија т.е. повлекувањето на парите може да се врши најрано 10 години пред достигнувањето на возраст за стекнување на старосна пензија согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, а најдоцна на 70 години возраст. 
Главнина
Остаток на учество во сопственоста над средствата на друштвото по одземањето на сите обврски на друштвото, чиишто главни компоненти се основната главнина, износот уплатен над номиналниот износ, односно премијата на акциите, ревалоризационата и други резерви и акумулирана добивка 
Комерцијален запис
Должничка краткорочна хартија од вредност издадена од акционерско друштво или командитно друштво со акции, со која издавачот се обврзува дека на сопственикот ќе му ја исплати номиналната вредност и договорената камата на точно определен датум на достасување
Корпоративни обврзници
Обврзница издадена од трговско друштво
Краткорочна хартија од вредност
Хартија од вредност чиј рок на доспевање е пократок од една календарска година од денот на нејзиното издавање
Ликвидност
Способност за подмирување на тековните обврски
Надоместок во случај на премин во друг задолжителен пензиски фонд
Надоместок во случај членот кој преминува да бил член во постојниот задолжителен пензиски фонд пократко од 24 месеци
Надоместок во случај на премин во друг доброволен пензиски фонд
Надоместок во случај членот кој преминува да бил член во постојниот доброволен пензиски фонд пократко од 12 месеци
Надоместок за управување
Месечен надоместок од вкупните нето средства на пензиски фонд
Надоместок од придонеси
Определен процент од уплатените пензиски придонеси во капитално финансиран пензиски фонд, пред нивното претворање во сметководствени единици
Обврзница
Должничка хартија од вредност, со која издавачот се обврзува дека на сопственикот на обврзинацата еднократно или во рати, ќе му го исплати на определениот ден, износот на номиналната вредност на обврзницата и каматата.
Обични акции
Акции кои на сопствениците им обезбедуваат право на глас и учество во поделбата на добивката на друштвото, откако ќе се исплатат обврските кои имаат приоритет на исплата
Пазарен ризик
Ризик кој е неразделлив дел од природата на самиот пазар или одделен пазарен сегмент
Пазарна цена
Цена која се формира како резултат на понудата и побарувачката за одреден финансиски инструмент
Пензиски фонд
Отворен инвестиционен фонд основан и управуван од страна на друштво за управување со пензиски фондови
Пензиско друштво
Акционерско друштво кое управува со пензиски фондови согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и/или Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување
Порамнување
Порамнување е процес на исполнување на обврските на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност коишто произлегуваат од склучената трансакција на секундарниот пазар, односно извршување на плаќањето од страна на купувачот и пренос на сопственоста на хартиите од вредност од страна на продавачот
Професионална сметка
Лична сметка на лице кое се стекнало со статус на член преку учество во професионална пензиска шема организирана и финансирана од неговиот работодавач во избраниот доброволен пензиски фонд од третиот столб на која се собираат и капитализираат лични средства (уплатениот дел од доброволниот пензиски придонес намален за надоместоцитеи зголемен за остварениот принос по инвестирање
Прв столб
PAYG компонента на системот со тристолба. Основна карактеристика на овој столб е механизмот на "тековно финансирање", односно тековните вработени уплаќаат придонеси за тековните пензионери
Пренос на средства
Пренесување на средствата од сметката на членот што е отворена во еден пензиски фонд, во друг пензиски фонд со кој управува друго друштво за управување со пензиски фондови
Примарен пазар
Првото продавање на хартиите од вредност од страна на издавачите, односно првото запишување и уплата на хартиите од вредност
Принос на пензиски фонд во номинален износПромена на вредноста на сметководствената единица на последниот датум на процена на крајот на 84, 72, 60, 48, 36, 24 или 12-месечен период во однос на  вредноста на единицата на последниот датум на проценка од почетниот месец  од овој период. Приносот задолжително се пресметува на крајот на јуни и декември секоја година за погоренаведените периоди, а пресметката се врши по дефинирана математичка формула. Приносот се изразува како просечен годишен износ за периодот за кој е пресметан и се прикажува во проценти.
Принос на пензиски фонд во реален износСе пресметува врз основа на пресметаниот принос во номинален износ и нивото на трошоците на живот за истиот период за кој се пресметува приносот во номинален износ објавени од Државниот завод за статистика на Република Македонија. Приносот се изразува како просечен годишен износ за периодот за кој е пресметан и се прикажува во проценти.
Приоритетни акции
Акции кои не даваат право на глас на сопствениците и им носат фиксна дивиденда која има предност во исплата во однос на дивидендата која ја носат обичните акции и истата се исплатува годишно
Ризик
Веројатност од загуба или поврат понизок од очекуваниот
Секундарен пазар
Секое купување или продавање на претходно издадени хартии од вредност
Сметководствена единица
Пропорционален удел на членот на пензискиот фонд во вкупната нето вредност на фондот
Трет столб
Доброволно капитално финансирана компонента од системот со 3 столба кој функционира на принцип на капитализирање на дополнителни средства што значи дека лицето-членот однапред акумулира заштеди пред своето пензионирање, на своја лична сметка во доброволен пензиски фонд, а потоа тие заштеди ги користи за да финансира дел од својата пензија. Вложените средства во доброволниот фонд се инвестираат според строго утврдени законски регулативи со цел да се заштитат средствата на членовите
Уплата на придонеси во задолжителен пензиски фонд
Ја врши обврзникот за плаќање на придонес на сметката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.  6 % од бруто платата на осигуреникот Фондот на ПИОМ ги префрла на лична сметка на членот во задолжителниот пензиски фонд што го избрал
Уплата на придонеси во доброволен пензиски фонд
Ја врши членот или трето лице во име и за сметка на членот кога членството се заснова на индивидуален договор за членство или осигурителот-работодавачот доколку членството се заснова на учество во професионална пензиска шема. Уплатените средства се префрлаат на лична сметка на членот во доброволниот пензиски фонд што само го избрал или е избран од осигурителот.
Управување со портфолио
Носење одлуки за комбинација на инвестиции и инвестициона политика, алокација на средствата по издавач и урамнотежување на ризикот во однос на можностите и ризиците на инвестицијата изразени преку принос во одреден временски период
Финансиски извештај
Финансиски извештаи како дел од процесот на финансиско известување претставуваат комплет од финансиски извештаи вклучувајќи биланс на состојба, биланс на успех, извештај за промена на главнината и паричните текови како и забелешки и други извештаи и објаснувачки материјали кои се составен дел на финансиските извештаи.
Фјучерси
Договор за фјучерси е стандардизиран договор за идна продажба на однапред определен датум на хартии од вредност, девизи, стоки, берзански индекси или каматни стапки, со кој едната страна се обврзува да изврши предавање на договорениот имот, а другата страна се обврзува да ја плати однапред договорената цена
Хартии од вредност
Документ на кој му се припишува вредност и со кој може да се тргува
Хеџирање
Инвестирање на средства на начин кој ќе овозможи намалување на ризикот од неповолни движења во цените на финансиските инструменти
ЦДХВ
Централен депозитар за хартии од вредност – саморегулирачка организација, со основна функција за регистрирање на хартиите од вредност, порамнување на трговските трансакции и вршење на нетрговски преноси со хартии од вредност
Член на задолжителен пензиски фонд
Физичко лице кое склучило договор за членство или е распределено во задолжително капитално финансиран пензиски фонд, и во чие име е отворена индивидуална сметка согласно Законот за ЗКФПО
Член на доброволен пензиски фонд
Физичко лице кое склучило индивидуален договор за членство или е учесник во професионална пензиска шема во доброволно капитално финансиран пензиски фонд, и во чие име е отворена доброволна индивидуална или професионална сметка согласно Законот за ДКФПО
Чувар на имот
Деловна банка која исполнува одредени законски услови и безбедно ги чува средствата на пензиските фондови издвоени од средствата на пензиските друштва кои управуваат со нив. Во почетните неколку години како преодно решение чувар на имот за задолжителните пензиски фондови беше Народната банка на Република Македонија. Сега и за задолжителните и за доброволните пензиски фондови фукнцијата чувар на имот ја вршат деловните банки.