Новости
ПОВРАТ НА ПЕРСОНАЛЕН ДАНОК НА ДОХОД ЗА 2016 ГОДИНА на членовите со доброволна индивидуална сметка24.02.2017

Согласно член 158 став 2, 3 и 4 од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, член на доброволен пензиски фонд кој има доброволна индивидуална сметка и уплаќа сопствени средства кои се претходно оданочени со персонален данок, има право на поврат на персоналниот данок на доход пресметан на износот на уплатениот придонес во доброволниот пензиски фонд. 

 

Износот на кој се пресметува повратот за една календарска година не може да биде поголем од четири просечни месечни бруто плати во Републиката, објавени за претходната година.
 
Повратот на персоналниот данок на доход на овие членови се врши на годишно ниво директно на нивната доброволна индивидуална сметка во пензискиот фонд со доставување на барање за поврат на данок од страна на членот или физичкото лице за сметка на членот.
 
Правото на враќање на данокот се однесува и во случаите кога трето физичко лице во име на членот на доброволен пензиски фонд уплатило средства на неговата индивидуална сметка, а истите претходно се оданочени со персонален данок. 
 
Поврат на персонален данок на доход за 2016 година 
 
Имајќи го предвид горенаведното и согласно важечката законска и подзаконска регулатива, сите членови на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје кои имаат доброволна индивидуална сметка и извршиле уплата на доброволен пензиски придонес во 2016 година, имаат право на поврат на персонален данок на доход за 2016 година за уплатените средства на нивната доброволна индивидуална сметка или средствата уплатени од трето физичко лице во име и за сметка на членот. 
 
Со цел да Ви ја олесниме постапката за поврат на персонален данок на доход за минатата 2016 година, Друштвото достави Барање за поврат на персонален данок на индивидуална сметка, до сите членови на Доброволниот пензиски фонд кои имаат доброволна индивидуална сметка и имаат реализирани уплати во периодот 1.1.2016 – 31.12.2016 година.
 
Барањето за поврат е целосно пополнето со Ваши податоци, а Вие ќе треба единствено да го потпишете и заедно со доказот* за платен персонален данок на доход, да го поднесете до Управата за јавни приходи.
 
Барањето за поврат се поднесува до Управата за јавни приходи според местото на живеење на подносителот на Барањето, а како прилог на истото се доставува и доказ за платен персонален данок на доход во Република Македонија за уплатените сопствени средства или уплатените средства од страна на уплатувачот во име на членот во доброволниот пензиски фонд.
 
Поднесувањето на барањата од страна на жителите на град Скопје, се поднесува во Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (ул. 11 Октомври бр.27, 1000 Скопје). 
 
*За доказ се смета Годишна потврда за пресметан и платен персонален данок на лични примања.
 
Мораме да напоменеме дека со поднесување на Барањето, согласно тарифникот на Управата за јавни приходи, треба да приложите и уплатница со уплатени 300,00 МКД за административна такса.
Повратот на персонален данок на доход се врши директно на Вашата доброволна индивидуална сметка во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје.
 
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје ќе Ве извести, бесплатно на Ваш e-mail, за извршениот поврат на персоналниот данок на Вашата доброволна индивидуална сметка.
 
За дополнителни прашања, Ве молиме да ни се обратите на телефонските броеви на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје: 02 3243-772 и 02 3243 777.
Со почит,
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје