За КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и Вториот пензиски столб

Не, не постои разлика во износот на средствата што се издвојуваат – што ги плаќаат компаниите како придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за осигурениците на Фондот на ПИОМ и осигурениците кои се и членови на еден од задолжителните пензиски фондови во Вториот пензиски столб.

Главната разлика помеѓу стариот пензиски систем и членството во првите два пензиски столба е всушност во распределбата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.

За лицата кои не се членови на Задолжителниот пензиски фонд од Вториот пензиски столб целиот придонес за пензиско и инвалидско осигурување во висина од 18 % од бруто-платата се уплатува во Фондот за ПИОМ, а на членовите на Задолжителниот пензиски фонд од Вториот пензиски столб: 12 % од бруто-платата се уплатуваат во Фондот за ПИОМ, а 6 % од бруто-платата се уплатуваат во Задолжителниот пензиски фонд по избор на осигуреникот.

Лична – индивидуална сметка, со средства што не се користат за исплата на туѓи пензии, а се предмет на наследување

6 % од бруто-платата што Вашиот работодавец ги уплатува за Вас (како стапка за придонес за Вториот пензиски столб) се уплатуваат на Ваша лична – индивидуална сметка. Тие средства не се користат за исплата на туѓи пензии, туку се Ваши лични средства кои ќе ги користите како дел од идната пензија. Овие средства се предмет на наследување во случај на смрт на член кој не остварил право на старосна пензија, што не е случај во стариот Едностолбен систем
 Можност за поголема пензија  

 Со Вашите средства управуваат стручни и искусни лица, вложувајќи ги во сигурни финансиски инструменти во согласност со законски прописи што овозможува сигурност и остварува принос на вложените средства со што се создава можност пензијата на осигуреникот да расте.

Пензија од два извора, што дава поголема сигурност за пензионерските денови 

Гледано од аспект на поединецот, реформираниот пензиски систем – двата столба од задолжителното пензиско осигурување, обезбедува поголема сигурност бидејќи финансирањето на пензиите ќе се врши од двата столба.

Делот од пензијата кој се исплатува од Првиот пензиски столб се пресметува според однапред одредена формула врз основа на платите.

Вториот дел од пензијата се исплатува од индивидуалната сметка на членот од КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје. Со вакво комбинирање на исплатата на пензијата од двата столба, се обезбедува поголема сигурност при старост за поединецот. 

Можност за избор на начин на користење на акумулираните средства

По остварување на правото на пензија, можете сами да го изберете начинот на користење – повлекување на Вашите акумулирани средства од Вашата индивидуална сметка, односно да изберете:

  1. Програмирани повлекувања
  2.  Ануитети
  3.  Комбинација од овие опции

Комплетен увид во состојбата на Вашите средства  

Преку достава на редовни годишни извештаи за состојбата на индивидуалната сметка или извештаи на Ваше барање имате комплетен увид на средствата на Вашата лична сметка. Со ова се зголемува транспарентноста на информациите за тоа дали работодавецот редовно ги исплатува законски утврдените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување. Поради брз, едноставен и современ увид на состојбата на Вашата сметка, КБ Прво пензиско друштво на членовите на Задолжителниот пензиски фонд со кој управува им овозможува и on-line проверка  на состојбата на сметката на својата интернет-страница.

–    Нашето работење е контролирано од државната Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС;
–    Нашите основачи се познати финансиски институции;
–    Средствата на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје се одвоени од средствата на Друштвото;
–    Средствата на Фондот ги чува посебна институција – Банка чувар на имот;
–    Средствата на Фондот се инвестираат во согласност со строги законски прописи со цел остварување на највисок принос, единствено, во полза на членовите и пензионираните членови и преку диверзификација и финансиска анализа да се минимизира ризикот од загуби;
–    Основната главнина на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје изнесува 1,8 милиони евра;
–    Средствата на Фондот, во согласност со Законот, не можат да бидат предмет на побарувања, ниту врз нив може да биде спроведено извршување;
–    Државна гаранција од Буџетот на РМ во висина од 80 % од настаната загуба на средствата на Фондот што настанала како резултат на измама, кражба и проневера.

Ако пропадне Друштвото, средствата на сметките на членовите во Задолжителниот пензиски фонд не пропаѓаат – остануваат на сметките на членовите на Фондот кај Банката чувар на имот, а Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во најкус можен период ќе спроведе постапка за изнаоѓање на соодветно/друго друштво кое ќе управува со Задолжителниот пензиски фонд.

За КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд и Третиот пензиски столб

Со членството во Доброволниот пензиски фонд од Третиот пензиски столб штедиш независно од пензијата на Фондот за ПИОМ

– Обезбедуваш дополнителен извор на средства независно од пензијата на Фондот за ПИОМ. Твојата пензија зависи и од висината на доброволниот придонес што го уплатуваш и периодот на штедење

-Доброволното пензиско осигурување овозможува придобивки за дополнително штедење

Уплатуваш колку можеш и кога сакаш

Членството во Доброволниот пензиски фонд не те обврзува да уплатуваш однапред дефинирани износи секој месец, односно можеш да уплатуваш тогаш кога ти ќе одлучиш и онолку колку ти можеш, а твоите права остануваат исти.
 
Даночно олеснување што се уплатува на твојата доброволна индивидуална сметка
 
За разлика од кој било друг начин на штедење или осигурување, твоето доброволно пензиско штедење е стимулирано на тој начин што државата врши поврат на персоналниот данок во износ од 11,11 % од износот на уплатата на твојата лична сметка во текот на една календарска година.

За 2017 година, максималниот износ за пресметка на поврат на персонален данок и понатаму останува 4 просечни месечни бруто-плати во Република Македонија, објавени за претходната година, односно максималната основица – износ на уплата во Доброволниот пензиски фонд за пресметка на поврат на персоналниот данок за 2017 година изнесува 131.288 денари.

За 2016 година овој износ беше 128.692 денара.
 Барањето за поврат се поднесува до Управата за јавни приходи, а како прилог на истото се доставува и доказ за платен персонален данок на доход во Република Македонија за уплатените сопствени средства или уплатените средства од страна на уплатувачот во име на членот во Доброволниот пензиски фонд при што, како доказ се смета Годишната потврда за пресметан и платен персонален данок на лични примања.
Повратот на персоналниот данок на доход се врши на годишно ниво директно на твојата доброволна индивидуална сметка во Доброволниот пензиски фонд.

Уплатата на средствата во Доброволниот пензиски фонд можеш да ја вршиш сам/а или трето лице да ја врши во твое име и за твоја сметка. Се разбира, уплатувачот мора да е познат, односно да го потпише твојот договор за членство во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд во својство на уплатувач.

Лична – доброволна индивидуална сметка, со средства што не се користат за исплата на туѓи пензии, а се предмет на наследување  

Целокупниот акумулиран износ на Вашата доброволна индивидуална сметка го користите Вие. Тие средства не се користат за исплата на туѓи пензии туку се Ваши лични средства кои ќе ги користите како дел од идната пензија. Овие средства се предмет на наследување во случај на смрт на член и истите можат да се користат во случај на утврдување на општа неспособност за работа од страна на Комисијата за оцена на способноста при Фондот на ПИОМ.

Можност за поголема пензија  

Со членство во Доброволниот пензиски фонд си обезбедувате дополнителен извор на средства по пензионирањето. Така, Вашата идна пензија ќе ја користите од три извори, од Фондот на ПИОМ, Задолжителниот пензиски фонд од Вториот столб и Доброволниот пензиски фонд од Третиот столб.

Доколку никогаш не сте биле вработени, членството во Доброволниот пензиски фонд Ви обезбедува средства што ќе ги користите како сопствена пензија.

Можност за избор на начин на користење на акумулираните средства

Начинот на повлекување на средствата можеш да го приспособиш на твоите потреби. Сам одлучуваш на кој од следните начини ќе ги повлекуваш средствата:

  1. Програмирани повлекувања
  2. Еднократни или повеќекратни исплати
  3. Ануитети
  4. Комбинација

Средствата на Вашата доброволна индивидуална сметка можете да ги користите/започнете со повлекување 10 години пред пензионирање.

Комплетен увид во состојбата на Вашите средства  

Преку достава на редовни годишни извештаи за состојбата на лична сметка или извештаи на Ваше барање имате комплетен увид на средствата на Вашата лична сметка. Со ова се зголемува транспарентноста на работењето на КБ Прво пензиско друштво во управувањето со Доброволниот фонд и Вашите пари.

Поради брз, едноставен и современ увид на состојбата на Вашата сметка, КБ Прво пензиско друштво на членовите на Доброволниот пензиски фонд со кој управува им овозможува и on-line проверка  на состојбата на сметката на својата интернет-страница.

Да, постои можност за членство во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд преку компанијата каде работиш.

Твојата компанија може да склучи договор за професионална пензиска шема во која ќе бидеш вклучен и ти, и за тебе да уплатува средства за дополнително пензиско осигурување на твојата лична – професионална сметка .

Членството во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд преку учество во професионална пензиска шема на твојата компанија ти овозможува користење на истите права како и индивидуално членство, освен правото на поврат на персонален данок и уплата на доброволен придонес (уплатата на доброволен придонес за учесник во професионална пензиска шема ја врши, единствено, работодавецот – осигурувачот).

Информирај се дали твојата компанија има професионална пензиска шема.

Професионална пензиска шема

Професионалните пензиски шеми овозможуваат дополнително колективно пензиско осигурување организирано и финансирано од компании или здруженија на граѓани. Организирањето и финансирањето на професионалната пензиска шема, пред сè, значи грижа за иднината и обезбедување на повисок животен стандард по пензионирањето на своите вработени/членови. Финансирањето на професионалните пензиски шеми може но не мора да претставува дополнителен трошок на компаниите кои со  соодветна алокација на своите финансиски средства можат да ги задржат трошоците на планираното ниво, а воедно да создадат дополнителни приходи за своите вработени.

Професионална пензиска шема претставува начин за уплата на доброволен принос за пензиско осигурување договорен помеѓу работодавецот и неговите вработени или здружение на граѓани и неговите членови, вклучена во Доброволниот пензиски фонд.

Повеќе работодавци или повеќе здруженија на граѓани заедно може да организираат и финансираат професионални пензиски шеми.

Работодавецот донесува правила за професионалната пензиска шема и потпишува договор за организирање и финансирање професионална пензиска шема со друштвото кое го избрал да управува со Доброволниот пензиски фонд во кој ќе биде вклучена професионалната пензиска шема. Работодавецот може да определи кои вработени или членови можат да учествуваат во професионалната пензиска шема, висината на уплатата која ќе ја уплатува за секој од нив, редовноста на уплатите итн.

Даночно олеснување на компаниите/здруженијата на граѓани кои организираат и финансираат професионални пензиски шеми 

За уплатата на доброволен пензиски придонес работодавецот е ослободен од плаќање на персонален данок на доход и данок на добивка. 

Во согласност со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување постои ограничување на основицата за пресметка на даночното ослободување за уплатите на доброволен придонес по вработен во текот на една календарска година и истата изнесува 4 просечни бруто-плати во Република Македонија, објавени за претходната година, односно за уплата во Доброволен пензиски фонд во 2017 година основицата за даночно ослободување е 131.288 денари.

За 2016 година овој износ беше 128.692 денара.

За уплатата на доброволен пензиски придонес што работодавецот ја врши за учесниците на професионалната пензиска шема не се плаќаат дополнителни придонеси ниту, пак, уплатата е оптоварена со какви било други трошоци.

– Нашето работење е контролирано од државната Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС;
– Нашите основачи се познати финансиски институции;
– Средствата на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје се одвоени од средствата на Друштвото;
– Средствата на Фондот ги чува посебна институција – Банка чувар на имот;
– Средствата на Фондот се инвестираат во согласност со строги законски прописи со цел остварување на највисок принос, единствено, во полза на членовите и пензионираните членови и преку диверзификација и финансиска анализа да се минимизира ризикот од загуби;
– Основната главнина на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје изнесува 1,8 милиони евра;
– Средствата на Фондот, во согласност со Законот, не можат да бидат предмет на побарувања, ниту врз нив може да биде спроведено извршување;“

Ако пропадне Друштвото, средствата на сметките на членовите во Доброволниот пензискиот фонд не пропаѓаат – остануваат на сметките на членовите на Фондот кај Банката чувар на имот, а Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во најкус можен период ќе спроведе постапка за изнаоѓање на соодветно/друго друштво кое ќе управува со Доброволниот пензиски фонд.

За пензиските друштва и фондови

Со Пензиски фонд секогаш управува одредено Пензиско друштво, слично како и кај инвестициските фондови. Во согласност со законските одредби, едно Пензиско друштво може да управува со средствата на еден Задолжителен пензиски фонд, еден Доброволен пензиски фонд или по еден Задолжителен и Доброволен пензиски фонд.

Фондот го сочинуваат уплатените средства на неговите членови по наплатата на надоместоците, зголемени за приносот по нивното инвестирање.

Сопственици на пензиските фондови се нивните членови, а средствата на фондовите се потполно одвоени од средствата на Друштвото кое управува со нив и безбедно се чуваат кај Банката чувар на имот.

Пензиските друштва се правни субјекти, акционерски друштва, чија основна дејност е оперативно и стратешки да управуваат со средствата на пензиските фондови.

 

Во основа, начинот на функционирање на задолжителните и доброволните капитално финансирани пензиски фондови е ист – средствата на пензиските фондови се инвестираат во согласност со соодветните законски и подзаконски акти и целокупниот остварен принос од инвестиции се припишува на членовите на соодветниот фонд. 

Важно е да се потенцира дека вработувањето е предуслов за уплата на средства на личните сметки на членовите на задолжителните пензиски фондови, а висината на придонесот за Вториот пензиски столб што се уплатува на индивидуалната сметка на членовите на задолжителните пензиски фондови од Вториот столб изнесува 6 % од бруто-платата. Средствата уплатени во Задолжителниот пензиски фонд не се дополнителен трошок за членот или компанијата каде работи туку станува збор за распределба на средствата што се уплатуваат во системот на задолжително пензиско осигурување, средства што се плаќаа и пред реформата на пензискиот систем.  

Уплатата на средства на личните сметки на членовите на доброволните пензиски фондови значи уплата на сопствени средства на членовите, трети лица кои уплатуваат во име и за сметка на членовите или компаниите каде членовите работат. Поради ова, членството во доброволните пензиски фондови не е директно поврзано или условено со вработување. 

Се разбира, постојат и други важни специфичности/разлики што се дефинирани со законските и подзаконските акти и се однесуваат на можностите за членство, хартиите од вредност во кои може да се инвестираат средствата на одделните фондови, лимитите за инвестирање, начините на користење на средствата итн.  

Средствата на личните сметки на членовите на капитално финансираните пензиски фондови од Вториот и Третиот пензиски столб се евидентираат во сметководствени единици. Сметководствената единица претставува пропорционален удел на членот во вкупната нето-вредност на Задолжителниот, односно Доброволниот пензиски фонд.

Пример: Доколку Вие, како член на Задолжителниот пензиски фонд управуван од КБ Прво пензиско друштво, имате една сметководствена единица на лична сметка, а КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје има вкупно 1.000 сметководствени единици, во тој случај Вие сте сопственик на 0,001 дел, односно 0,1 % од Фондот (1/1.000).
 

Сите нови уплати во Фондот, се конвертираат во сметководствени единици, на тој начин што уплатениот износ се дели со вредноста на сметководствената единица на Фондот, на денот на уплатата. Вредноста на сметководствената единица се менува секој ден.

Пример: Ако Вашата уплата во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд изнесува 1.000,00 денари, а вредноста на сметководствената единица на денот на уплатата изнесува 100,00, во тој случај Вашата уплата се конвертира во 10 нови сметководствени единици.

Вредноста на сметководствената единица се добива така што вкупната нето-вредност на Пензискиот фонд се дели со вкупниот број на сметководствени единици од сите членови на соодветниот Фонд. Се пресметува секој ден и истата зависи од неколку фактори: принос од поединечни инвестиции, движењето на цените на хартиите од вредност во кои се инвестираат средствата на Задолжителниот пензиски фонд, девизниот курс и слично. Сметководствената единица од 105,00 покажува дека приносот на Фондот до тој период изнесувал 5 %, во однос на почетната вредност на сметководствената единица од 100,00.

Вредноста на Вашите средства го претставува бројот на сметководствени единици кои ги поседувате помножен со вредноста на сметководствената единица на денот на вреднувањето.

Вашата идна пензија од Пензискиот фонд од Вториот или Третиот пензиски столб во голема мера зависи од вредноста на сметководствената единица.

На пример, ако вредноста на сметководствената единица на Пензискиот фонд на почетокот на Вашето членство изнесувала 100,00 единици, истата континуирано растела во годините на Вашето членство во Фондот со што вредноста на сметководствената единица на денот на Вашето пензионирање изнесува 140,00 единици, Вие ќе имате онолку пари на Вашата сметка колку што сте имале сметководствени единици на денот на пензионирањето помножени по 140,00 како вредност на сметководствената единица на денот на Вашето пензионирање.

Пример:

Претпоставен број на сметководствени единици на ден на пензионирање = 9.500

Вредност на сметководствена единица на ден на пензионирање = 140,00

Вкупно средства на лична сметка што ќе може да се користат = 9.500 x 140,00 = 1.330.000, 00 денари

Оттука, колку е поголема вредноста на сметководствената единица, толку повеќе пари имате на Вашата сметка.